Колку често подготвувате тесто за палачинки? Со самата помисла на домашно подготвени палачинки, веднаш ви навираат слики на прекрасни топли и вкусни палачинки со слатко или солено полнење. Наутро или навечер солени или слатки, никој не може да им одолее.

Некои ги сакаат без јајца и млеко, односно посни а некои пак го сакаат вкусот на оние класичните. Без разлика на составот, никој од нас не може да им одолее на палачинките.

Во чест на денот на палачинките, кој секоја година се одбележува ширум светот на 28-ми февруари, почастете се себеси со слатка или пак солена палачинка.

Совршено-тесто-за-палачинки-за-денот-на-палачинкитеИзвор: www.pghcrepes.com

Историјата на палачинките датира од многу одамна. Првичната смеса подготвена уште во 462 година од готвачот на папата Гелацие Први, која се состоела од млеко, јајца, брашно и зачини била намената за исхрана на голем број гладни луѓе. Тестото за палачинки почнало да се подготвува пред се заради недостаток на храна, и тоа во период кога за среќа, јајца и брашно имало во изобилство.

Ова ново јадење било наречено “плацента” кое во превод значело плоча. Оваа смеса за палачинките се смета за сродна со онаа за вафли, крофни па дури и леб. Интересно е тоа што со подготовка на само една смеса може да се прават комбинации со солено и со благо полнење, иако палачинките се вкусни и сами по себе – без ништо.

Рецепт за совршени палачинки

Рецептот кој на сите нас ни е добро познат за подоготовна на палачинки од нашите баби, мајки, тетки е со состојки кој ги користиме “отприлика”, рецепт кој за почетниците во кулинарството може да претставува проблем. За таа цел, за тестото за палачинки да биде совршено и не жилаво, тегаво или пак премнгоу густо кое би горело, ви го препорачуваме овој рецепт кој е со точни мерки на состојките.

Тесто за палачинки

Потребни состојки:

  • 250 грама брашно
  • ½ литар млеко
  • ¼ литар кисела вода
  • 3 јајца
  • 2 големи лажици масло
  • Прстофат сол.

*измерете точно, ништо не додавајте и ништо не одземајте.

Подготовка на палачинките:

Во сад изматете ги јајцата заедно со шеќерот, на кои ќе ги додате млекото и киселата вода. Од кога се убаво ќе биде изматено, додајте ги маслото и солтта.

Совршено-тесто-за-палачинки-за-денот-на-палачинкитеИзвор: www.naredilaana.com

Супер совет:

Откако ќе го подготвите тестото, оставете го да “одмори” 15-тина минути во фрижидер за да може смесата убаво да се соедини, и со тоа пржењето на палачинките би било многу полесно.

Пржење на палачинките:

Во тавче за палачинки, на висок оган налејте од тестото за палачинки, колку да се покрие дното на тавчето (2 до 3 милиметри), и пржете ја палачинката околку 2-3 минути од едната страна. Потоа превртете ја палачинката од другата страна, за да може тестото за палачинки убаво да се испржи (2-3 минути).

Совршено-тесто-за-палачинки-за-денот-на-палачинкитеИзвор:www.mamajacooks.blogspot.mk

Сервирајте ги топли, со полнење по избор. Тоа може да биде и солено и благо. Сигурни сме дека со подготовка на ова тесто за палачинки нема да можете да испржите онолку колку вашите најмили можат да изедат.

Доколку во текот на пржењето на палачинките ви остане од тестото за палачинки, никако не го фрлајте. Истото можете да го ставите во фрижидер и наредниот ден повторно да имате веќе подготвено тесто за палачинки.

Палачинките со нивната едноставна подготовка и состојките кои ги содржат во себе за брзо време, се прошириле во цела Европа. Тие се модифицирани во однос на државите во кои се подготвуваат, со тоа што според обичаите, различни се и состојките.

Совршено-тесто-за-палачинки-за-денот-на-палачинките

Французите многу често јадат палачинки, па дури и имаат натпревар поврзан со брзината на пржењето и превртувањето на палачинките во тавчето без тие да излезат надвор од него.

Успешното фрлање на палачинките во воздух се поврзува и со Наполен. Според преданијата, Наполеон пред секоја битка пржел палачинки, со тоа што ниту една палачинка не смеела да му падне на земја при нејзиното превртување во тавчето. Доколку некоја палачинка му паднела, тоа било лош знак. Пред освојувањето на Москва, тој традиционално подготвувал палачинки, при што четири палачинки подготвил без ниту една грешка но петта му паднала на земја. По поразот кога не успеал да ја победи Москва тој рекол: “Тоа е онаа петтата палачинка”.

За жал не ја знаеме рецептата која била користена од Наполеон, па затоа ќе ви понудиме неколку рецепти за палачинки кои се надеваме дека ќе ви бидат интересни.

Палачинки со пиво

Иако можеби звучи необично, пивото да е составен дел на палачинките, во суштина пивото содржи помалку или повеќе исти состојки како и квасецот. Со употреба на пивото во тесто за палачинки добивате смеса која е со малку понеобичен вкус.

Совршено-тесто-за-палачинки-за-денот-на-палачинките

За тестото за палачинките со пиво потребни ви се:

  • 3 јајца
  • 200 грама брашно
  • Пиво (по потреба, односно додека смесата да достигне густина која тенко се цеди преку лажицата)
  • Прстофат сол.

Со ова тесто за палачинки можете да подготвите од 10 до 15 палачинки, во зависност од нивната дебелина.

Состојките се матат во сад, се додека не се добие воздушеста смеса која не е ниту ретка ниту пак премногу густа.

Како полнење за овие палачинки со пиво можете да користите најразлични видови на сирења на кои можете по желба да додадете оригано. Доколку сте љубител на сувомеснати производи можете да ги додатете како полнење на овие палачинки без никаков проблем.

Торта од палачинки

За подготовка на тортата од палачинки, направете тесто за палачинки и испржете ги на вообичаениот начин.

Совршено-тесто-за-палачинки-за-денот-на-палачинкитеИзвор: www.victoriamag.com

Откако палачинките ќе бидат испржени, започнете со редењето на тортата на округла чинија. На дното поставете една палачинка врз која можете да намачкате Нутела, потоа наросете плазма и над неа додадете сецкани банани се додека не ја покриете целата површина на палачинката. Оваа постапка повторувајте ја до висина која сметате дека е доволна за вашата торта. Не постои точна граница колку палачинки треба да бидат употребени, како и тоа кое треба да биде полнењето. Доколку повеќе уживате во вкусот на мармаладот можете и него да го користите како фил на оваа торта.

Американски палачинки

Американските палачинки се разликуваат од оние кои се подготвуваат во Европа. Главната разлика помеѓу тенките европски палачинки и американските е дебелината. Овие палачинки се со дебелина од половина сантиметар, со сунѓереста структура која наликува на пандишпан, но со интересен и уникатен вкус.

Совршено-тесто-за-палачинки-за-денот-на-палачинките

За подготовка на американските палачинки потребни ви се следните состојки:

  • 200 грама брашно
  • 2 големи лажици шеќер
  • 1 прашок за пециво
  • прстофат сол
  • 240 мл млеко
  • 2 јајца
  • 60 грама путер

Начин на подготовка:

Сувите состојки измешајте ги заедно во еден сад. Во посебен сад изматете ги јајцата на кои ќе им го додате млекото. Во садот со јајца и млеко додадете ги сувите состојки и кратко измешајте се заедно. Стопете го путерот во тавче на оган и додадете го во смесата за палачинки. Оставете го тестото да “одмори” 10 – тина минути во фрижидер, за да можат состојките да се соединат.

На среден оган загрејте ја тавата за пржење на палачинките. Со лажица земете дел од тестото и ставете во тавата за пржење во облик на круг. Пржете ги палачинките додека не добијат златно-кафена боја, односно околу 2,5 минути од секоја страна.

Со оваа смеса можете да добиете од 10 до 15 американски палачинки, во зависност од нивниот дијаметар.

Совршено-тесто-за-палачинки-за-денот-на-палачинкитеИзвор: www.midvakuhava.si

Најчесто овие америкаснки палачинки се редат една врз друга, и се прелеваат со јаворов сируп, или Нутела, банани, јаткасто овошје.  Исто така можете да бидете креативни и сами да си одредите прелив според вашиот вкус, баш онака како вам ви одговара.

*Совет: Доколку сакате неутрален вкус на палачинките, наместо 2 лажици шеќер додајте само една и овие американски палачинки ќе можете да ги јадете и со солено полнење.

Американските палачинки се подготвуваат и од страна на светски познатите готвачи. Џејми Оливер како еден од нив, има посебен и уникатен начин за подготвување. Погледнете на следното видео која е неговата тајна.

Покрај едноставниот округол облик на американските палачинки, со ова тесто за палачинки може да се подготват најразлични облици од животни, срциња, цвеќиња па се до ликови на вистински луѓе. Погледнете го следното видео на кое се прикажани ликовите на познатите Битлси кои се изработени само со тесто за палачинки. Вистинска уметност.

Најновиот изум за 3D дизајн-принтање на палачинките е вистинска револуција. На следното видео можете да погледнете како она што вие сте го замислиле може да изгледа вистински а притоа и да го вкусите. Од дизајн за најмалите и нивните омилени цртани ликови, цртежи, Ајфеловата кула или пак друг светски познат објект – се може да биде преточено во прекрасна палачинка.

Слатки или солени изборот е ваш. Иако сите ние имаме различен вкус, сите еднакво уживаме во нив. Уживајте во палачинките не само денес, на денот на палачинките, туку секој ден.

Среќен ден на палачинките.