Кога станува збор за сендвич веднаш визуелизираме топло багет лепче со крцкава кора кое во својата средина содржи разни сувомеснати или млечни производи дополнети со свеж зеленчук.
Добропознатиот багет претставува симбол на Франција, кој зад себе чува интересна историја за своето настанување, но и интересна приказна за неговата светска распространетост. Највкусните сендвичи се приготвени токму со ова лепче кое обично се подготвува од брашно, вода и квасец без присуство на адитиви.
Историја за Багетот
Пецивата одсекогаш претставувале синоним за Франција. За повеќето од французите токму тие се главен оброк во текот на денот. Доколку сте во посета на Франција а притоа не сте го пробале овој деликатес од пекарите кој ве опкружуваат – исто како да не сте ја посетиле оваа земја.
Извор: www.reddit.com
Зборот “багет” во едноставен превод претставува стапче, стап и се однесува на обликот на лебот. Уште во раниот дваесетти век овој термин станал заштитен знак на долгото, тенко и заоблено лепче кое денес сите го знаеме како багет.
Историјата на багетот датира многу поодамна од дваесеттиот век, но не постои точен податок за тоа како багетот ја добил својата позната форма. Една од неколкуте приказни за настанувањето на багетот е поврзана со Француската револуција.
Во 1788 и 1779 година во Франција се појавил недостаток од пченица која довела до висока цена на лебот. Лебот во тоа време претставувал столбот на Франција, односно главна храна на француското население. На трпезата на феудалното население бил присутен скапиот бел леб составен од чисто бело брашно и вода додека за сиромашното население кое не можело да си го дозволи скапиот леб, постоел леб составен од пченица, ‘рж или леќа надополнет со додатоци како струготини, слама и нечистотија – леб кој одвај се јадел.
Масовната глад предизвикала револуција која резултирала со освојување на Бастилија, но вистинската причина за оваа револуција била гладта и недостатокот на леб. По смирување на револуцијата, Уставното собрание донело закон за производство на еден тип на леб “леб на еднаквоста” составен од брашно во сооднос ¾ пченица и ¼ ‘рж. Со победата на народот била укината и привилегијата за бел леб на трпезата на феудалното население како и рестрикција на белото брашно, причини кои довеле до применување на багетот како секојдневен леб.
Извор: www.food52.com
Со доаѓањето на Наполеон на власт, за да не настанат истите грешки во однос на лебот и предизвикување на нова револуција, тој издал директни наредби во однос на составот на францускиот леб. Биле воспоставени стандарди во однос на квалитетот на брашното, начинот на месење како и печењето. Подоцна биле додадени начинот на обликување и големината на тестото кое довело до создавање на тенкото, долго стапче познато како багет.
Видови на француското стапче – багет
Најпопуларниот леб во Франција – багетот е со стандардна тежина од 250 грама и истиот може да се најде во 3 форми:
- Обичен багет – со својата златно-кафена крцкава кора
- Baguette moulée – украсен багет најчесто произведен во индустриска леб-печка кој на својата долна страна го има печатот од решетката за печење и
- Baguette farinée – брашнест багет чија кора е покриена со брашно.
Извор: www.slateafrique.com
Рецептата за подготовка на багетот е тајна на секој пекар. Она што е познато за составот на “baguette de tradition Françoise” е дека тој во себе содржи бело брашно, вода, квасец и малку сол. Овој традиционален француски багет рачно се подготвува од страна на секој пекар со месење и обликување во онаа добро позната долга и тенка форма.
Извор: www.moulins-bourgeois.com
Кога станува збор за вкусот и составот на багетот, покрај традиционалниот состав, листата е збогатена со додавање на багети со разни вкусови и употреба на друг тип брашно покрај белото пченично брашно . Овие денови можат да се најдат најразлични типови на багети а еден од нив е Pain a l’Ail – багет со лук. Овој тип на багет е вистински погодок за љубителите на лукчето кои можат да уживаат во вкусот на лукот интегриран во прекрасниот крцкав багет. Покрај багетот со лук на македонскиот пазар присутен е и багетот со маслинка. Во составот на овој леб покрај брашното, квасецот и водата се додадени каламата маслинки кој содржат маслиново масло и билки во себе и притоа го збогатуваат вкусот на овој прекрасен леб. За оние кој внимаваат на својата исхрана или пак сакаат поинаков вкус на својот леб тука се интегралниот багет и багет пченка.
Типично за сите багети е нивната крцкава кора придружена со воздушеста средина како и униформната должина од 70 сантиметри и 250 грама тежина.
Извор: www.adutchview.com
Иако сите пекари умешно ја кријат тајната за својот багет, пекарот William Courderot го откри својот рецепт за познатиот француски багет.
Состојки:
- 1 кг брашно
- 650 гр вода
- 20 гр сол
- 20 гр квасец
Начин на подготовка:
Измешајте ги сите состојки во сад се додека тестото не почне да се одвојува од садот. Откако тестото е изедначено оставете го да стасува околу час и половина.
Набрашнете ја работната површина површината, и поделете го тестото на три еднакви делови. Набрашнете крпа од памук која ќе ја користите за веќе издолжените форми на тесто.
На набрашнетата работна површина внимателно обликувајте го тестото со негово тркалање и притискање кон надворешните краеви се додека не добиете форма на долга змија. Не го месете тестото подогло отколку што му е потребно.
Поставете ги багетите на веќе набрашнетата кујнска крпа притоа внимавајте тие да не се допираат се еден со друг. Оставете го тестото да одмори 1 час.
Извор: www.cookingbyheart.org
Загрејте ја рерната на 280 °С или највисоката температура од вашата рерна.
Поставете ги багетите во плех за печење, а потоа со остар нож на горната површина од направете рамномерни 4 до 5 пресеци на еден багет.
На дното на рерната поставете сад со вода и мраз, кој во текот на печењето ќе ја одржува влажноста на лебот. Поставете ги багетите во рерната и оставете ги да се печат 20-30 минути или додека тие не добијат крцкава и кафена кора. По печењето оставете ги багетите најмалку 10 минути на решетка за да можат да се изладат и потоа можете да уживате во вкусот на свежо приготвениот багет.
Извор: www.vimeo.com
Како да подготвите вкусен багет сендвич за само неколку минути
Сендвичот ни е избор за оброк кога сме во брзање но исто така и кога сакаме да го задржиме вкусот на домашно приготвена храна. Првата асоцијација кога станува збор за сендвич ни е топло лепче со крцкава кора и воздушеста средина во која се содржани намирниците кои ни се омилени.
Секој си има свој омилен тип на намирници, некои повеќе го сакаат вкусот на месо а некои пак вкусот на млечни производи. Но без оглед на тоа кое ќе биде полнењето на сендвичот основата за вкусен сендвич претставува топло и вкусно лепче. Еве неколку предлози за вашиот багет сендвич.
1. Le French туна-салата багет сендвич
Извор: www.food52.com
Потребни состојки:
- ½ векна багет
- 1 чешне лук исечено на половина
- 4-6 ливчиња свеж босилек
- 1 конзерва туна Хепи
- 200 грама исецкани каламата маслинки
- 1 црвена пиперка исечена на долги и тенки листови
- 1 главица црвен кромид, ситно исецкан
- 1 врзопче магдонос, ситно исецкан
- 3 лажици свежо исцеден сок од лимон
- 6 лажици маслиново масло Александрос
- Сол и црн пипер.
Подготовка:
1. Подгответе го багетот: Пресечете го багетот на половина. Отстранете малку од внатрешноста од долната половина на багетот со цел да направите простор за полнењето. Намачкајте ги двете половини багет со маслиново масло и премачкајте ги со лукчето. Поставете ги листовите босилек на двете половини од багетот.
Извор: www.food52.com
2. Измешајте: Во длабок сад измешајте ги туната, маслинките, црвената пиперка, кромидот и магдоносот. Во сад настрана измешајте ги маслиновото масло со лимоновиот сок и потоа прелејте ја мешавината во длабокиот сад. Додадете сол и црн пипер по ваш вкус.
3. Намачкајте: Од длабокиот сад со лажица намачкајте од смесата на двете полови на багет лепчето. Соединете ги двете половини и поставете прозирна фолија цврсто над нив. Препорачано за овој тип на сендвич е тој да отстои во фрижидер во текот на ноќта.
Извор: www.food52.com
4. Сервирајте: Пресечете го сендвичот на половина и послужете со коцки фета маестро сирење. Уживајте!
2. Мини багет сендвич со моцарела, тиквички и печено говедско месо
Потребни состојки:
- ½ векна багет
- 1 тиквичка
- 100 грама Моцарела сирење
- 50 грама печено говедско месо
- 1 лажичка мајонез Томи.
Извор: www.myitalian.recipes
Подготовка:
За подготовка на овој сендвич ќе ви бидат потребни околу 5 минути.
Исецкајте ги моцарелата и тиквичките на тенки парчиња. Пресечете го багетот на две половини. Поставете ги парчињата моцарела на долната страна од багетот, и потоа ред од тиквичките. Потоа додајте го говедското месо. На крај додадете го мајонезот и посолете по вкус.
Уживајте во вкусниот и здрав багет сендвич за чија подготовка е потребно само 5 минути.
3. Багет сендвич со шунка, кашкавал и кисели краставички
Потребни состојки:
- 1 багет
- 2 лажички путер Мегле класик
- 2 лажички сенф Томи
- 230 грама шунка исецкана на тенки парчиња
- 170 грама кашкавал исецкан на тенки парчиња
- 8 кисели краставички.
Подготовка:
За подготовка на овој рецепт ќе ви бидат потребни 5 минути.
Извор: www.thekitchn.com
Со назабен нож се сече багетот надолжно. Премачкуваме со путер на долната страна од пресечениот багет и сенф на горната страна на багетот.
Поставуваме парчиња шунка на долната половина на багетот, врз кои редиме парчиња кашкавал а потоа кисели краставички.
Нежно притиснете ги двете половини и пресечете го сендвичот на 8 еднакви делови и послужете.
4. Цезар-салата багет сендвич
Составот на Цезар салатата инкорпорирана во вкусен и топол багет го прави овој сендвич вкусен и неодолив. Еве што ви е потребно за подготовка на овој сендвич:
Потребни состојки:
- 2 багети
- 8 парчиња пршута
- 2 лажички сенф
- 1 лажичка маслиново масло
- 4 парчиња пилешки гради
- 45 грама сардина Бадуко
- 2 лажички свеж лимонов сок
- 250 грама Томи мајонез
- 2 лажички Ворчестер сос
- 1 марула на која листовите и се одделени, измиени и исушени
- 80 грама Firgrana пармезан.
Извор: www.taste.com.au
Начин на подготовка:
- Пропржете ја пршутата во нелепливо тавче 1 до 2 минути додека таа да стане златна и крцкава. Исцедете ја на кујнска хартија и ставете ја настрана да се излади.
- Загрејте масло во тавче за пржење на средна температура. Додајте го пилешкото и пржете го 4 минути од секоја страна, односно додека да добие златна коричка. Извадете го пилешкото од тавчето и оставете го настрана 5 минути да се излади.
- Издробете ја сардината Бадуко и измешајте ја со мајонезот, лимоновиот сок, Ворчестер сосот и сенфот во длабок сад.
- Исечете ги багетите надолжно но внимавајте при сечењето комплетно да не ги одвоите двете половини и премачкајте со мајонезовата содржина од садот по целата внатрешност на багетот. Наредете ги листовите зелена салата, потоа одозгора парчињата пилешките гради, пршутата и пармезанот по должина на багетот. Нежно притиснете ги двете половини на багетот. Пресечете ги 2-та багети на половина. Со помош на кујнски конец прицврстете ги двете половини од багетот и сервирајте. Уживајте во еден поинаков начин на подготовка и сервирање на Цезар салата – Цезар багет.
5. Вегетеријански багет сендвич
Неодоливиот вкус на овој веге сендвич го придонесуваат свежиот зеленчук, сирењето и сецканите ореви. За подготовка на овој сендвич ќе ви бидат потребни само 15-тина минути.
Извор: www.gethealthyu.com
Потребни состојки:
- 1 багет
- 6 лажички сенф
- 1 авокадо исечено на тенки парчиња
- 100 грама рукола
- 1 домат исецкан на тенки кругови
- 200 грама сирење по избор
- 1 краставица, излупена и исечена на тенки кругови
- 100 грама исецкани ореви.
Начин на подготовка:
- Загрејте ја рерната на 170 целзиусови степени. Поставете го надолжно пресечениот багет во рерната.
- Печете 5 минути додека багетот добие крцкава кора.
- Потпечениот багет намачкајте го со сенф.
- Поставете рукола, авокадо, домат, краставица, сирење и одозгора сецкани ореви.
- Спојте ги двете половини од багетот, пресечете го на 6 еднакви делови и сервирајте.
- Овој вкусен и здрав вегетеријански сендвич содржи само 230 калории а воедно тој е богат со витамини и минерали. Уживајте!
Заклучок:
Француското стапче – багет е лепчето кое е основата на секој сендвич. Со ова лепче можете да приготвите најразлични вкусни сендвичи кои секогаш ќе изгледаат примамливо и впечатливо. Пробајте некој од нашите предлог рецепти за вашиот утрешен багет сендвич. На здравје!